СОС ДЕТСКО СЕЛО: Да ги испратиме дечињата на летување

Кампањата насловена „Од срце за срце“, со цел да им се овозможи на дечињата од СОС Детското село да можат ова лето да си ја исполнат најголемата желба, а тоа е да отидат на летување.

Кампањата која е поддржана од „Медиа принт Македонија“, како најголем медиумски покровител и Шпаркасе банка, ќе се одржува од денеска (7 април) до 15 мај.

Имено, станува збор за да се вклучат сите дечиња, па и нивните родители и сите хумани граѓани што сакаат да помогнат.

Биди креативен и помогни, е пораката со која се повикуваат сите граѓани да го дадат својот придонес во мисијата за испраќање на децата од СОС Детско село на летен одмор.

Имено, сите деца што сакаат да помогнат ќе треба да испратат свој цртеж, песничка, краток расказ или други креативни дела на е-поштата odsrcezasrce@sos.org.mk. Сите креативни дела треба да бидат означени со име и презиме, како и година на раѓање.

- „Медиа принт Македонија“, како најголем пријател и поддржувач на СОС Детското село во проектот да им помогнеме на децата да отидат на летување, ја имаше оваа акција и минатата година, но беше во друга насока. Годинава ја збогативме иницијативата со „Од срце за срце“ или подобро кажано од детско срце за детско срце. Проектот ќе се одвива преку двете изданија на списанијата за деца од 2-12 години, „Играј!“ и „Направи сам“ како главни носители. Сите дечиња може да испраќаат цртежи, песнички, раскази, слика или некое друго креативно дело, а нивните родители да ги испратат на електронската пошта. Ќе се споделуваат и на фејсбук-страницата „Од срце за срце“, која е веќе активна, како и хаштагот (#одсрцезасрце) на сите социјални мрежи  - рече Марина Домазетовска, претставник од МПМ.

Во јуни, 100 креативни дела ќе бидат публикувани во книга под наслов „Од срце за срце“, од чија продажба сите средства ќе бидат донирани во СОС Детско село. За најдобрите три дела следуваат подароци.

Според Домазетовска, секое дете има желба да отиде на летување и токму поради тоа треба сите да бидеме мотивирани да помогнеме. Родителите да ги мотивираат своите деца да испратат креативни дела, а повозрасните да донираат.

Сите граѓани што сакаат да бидат хумани може да донираат средства на посебната трансакциска сметка на СОС Детско село во Шпаркасе банка број 250-1010002868-04.

Донациите ќе може да се реализираат и со повик на хуманитарниот телефонски број 143 456 на сите три мобилни оператори „Т-Мобиле“, ВИП и ОНЕ. Секој повик чини 100,00 денари + ДДВ.

- Корпоративната општествена одговорност на Шпаркасе банка е составен дел од нејзината главна стратегија, по која што сме и препознатливи. Како дел од нашата групација Шпаркасе банка и ЕРСТЕ, проектите од општествена одговорност се насочени главно кон проекти за поддршка на развојот на заедницата, а особено на социјално ранливи групи и категории граѓани, во кои спаѓаат и децата без родители. Преку соработката со СОС Детско село, која оваа година е трета по ред, сакаме да придонесеме за децата да добијат ретка можност на нови искуства, нови пријателства и нови видици во животот, кои понатаму ќе им овозможат за нивно полесно вклучување во деловниот свет и изградба на самите како личности - рече Тодорка Сајкова од Шпаркасе банка.

Според Јулијана Накова-Гапо од СОС Детското село во моментот се грижат за над 100 деца, што ги прави најголема организација за грижа на деца без родители и родителска грижа.

- Оваа бројка на деца е поголема од онаа што се наоѓа во државните институции. Нам ни претставува предизвик грижата за овие деца, секојдневното одење на училиште, овозможување облека, храна... Но, сепак и овие деца како и сите други посакуваат да отидат на летување. Сите тие предизвици што ги имаме како организација низ годиниве не можеме сами да ги овозможиме и да се справиме со нив без нашите партнери - рече Накова-Гапо.

Кампањата ќе им овозможи на 35-40 дечиња да отидат на летување во друга земја, односно камп за деца без родители и деца во социјални ризици во Гарда-Италија. Летувањето таму е бесплатно, но патот дотаму носи одредени трошоци.

За нас

“Медиа Принт Македонија“ (МПМ) е водечка медиумска компанија на македонскиот пазар конципирана согласно највисоките деловни и новинарски стандарди.


Гарантирањето на слободата на печатот, независноста на редакциите и новинарите и почитувањето на етичките вредности се основни начела na компанијата.


повеќе