„ДНЕВНИК“ ЈА ВРАЧИ НАГРАДАТА „МЕНДЕ ПЕТКОВСКИ“

На дописничката Жанета Здравковска во Битола редакцијата на весникот „Дневник“и ја врачи наградата за најдобар дописник за 2013 година. Наградата го носи името „Менде Петковски“ во чест на прерано починатиот дописник на „Дневник“ од Битола и беше доделена традиционално по деветти пат.

Здравковска беше наградена за текстот насловен како „На гробот му пишува дека служел во три војски“, објавен во јули минатата година во „Дневник“. Текстот ја содржеше животната приказна на поранешниот војник Петко Лисковски од битолското село Добрушево, кој под притисок осум години служел во турската, српската и во бугарската војска во првите две децении од 20 век.

-Неговиот надгробен споменик е единствениот во земјава, на кој е напишано дека бил војник во три непријателски војски, поставени се и фотографии во војнички униформи и е непобитен доказ за страдањата на мобилизираните Македонци втурнати во братоубиствена војна. Неговите потомците ни рекоа дека ги менувал униформите, но не и македонското патриотско чуство- изјави Здравковска.

Наградата ја врачи Антонио Спасев, заменик на главниот и одговорен уредник на „Дневник“, кој рече дека со ова признание се стимулираат дописниците.

-Менде ни почина прерано, но тоа беше повод да дадеме сигнал на дописниците во Македонија дека не се заборавени. Во наградата не бираме  најдобар текст, за повторно да не се јавуваат новинари од Скопје, туку од внатре. Дописниците често се наш коректор и не враќаат во реалноста во моменти кога сме многу бомбардирани со политика. Тие ни се сидро да не тргне бродот премногу во самоисполитизираност - изјави Спасев. 

Тој најави дека се прават обиди фотографијата на Здравковска од надгробната плоча на Лисковски да се вметне во учебниците зашто ќе им објасни на учениците за делови од македонската историја многу повеќе отколку зборовите.

-Ние како печатени медиуми ги напуштаме класичните форми на информирање зашто факт е дека ја губиме трката со електронските медиуми. И се повеќе се ориентираме кон посредните животни приказни. Тие можат да бидат актуелни и од далечното минато. Оваа приказна беше поврзување на она што ја одбележало историјата на Македонија пред 100 години- изјави Бранко Ѓорѓевски, помошник на главниот и одговорен уредник на „Дневник“.

За нас

“Медиа Принт Македонија“ (МПМ) е водечка медиумска компанија на македонскиот пазар конципирана согласно највисоките деловни и новинарски стандарди.


Гарантирањето на слободата на печатот, независноста на редакциите и новинарите и почитувањето на етичките вредности се основни начела na компанијата.


повеќе