Менде Младеновски ја прими наградата „Менде Петковски“

На новинарот Менде Младеновски, дописник на „Нова Македонија“ од Битола, редакцијата на весникот „Дневник“ му ја врачи наградата за најдобар дописник за 2014 година. Наградата го носи името „Менде Петковски“ во чест на прерано починатиот дописник на „Дневник“ од Битола и беше доделена по јубилеен десетти пат. Младеновски беше награден за серија текстови посветени на случувањата во Kлиничката болница во Битола. Во наградените прилози авторот го третирал и расплетот на случајот со починатиот пациент Јорго Ангеловски, кому наместо инфузиско средство, му било дадено средство за дезинфекција. Освен за ова, тој пишуваше и за други случаи во оваа здравствена установа, меѓу кои и оној кога мртов пациент бил воден за жив. Младеновски, инаку е главен и одговорен уредник на „Битолски весник“, гласило кое минатата година ја прослави 50-годишнината од своето постоење.

-Kај мене се измешани чувствата. Имам чувство на радост што сум добитник на ваква престижна награда од еден весник како што е „Дневник“ и чувство на тага зашто се случи тој немил настан, во кој животот го загуби Јорго Ангеловски. Ќе бев посреќен Јорго да беше жив и да не излезеше таа серија текстови. Цело време додека од болницата се обидуваа да ја скријат, а потоа и да ја релативизираат приказната за смртта на Јорго, ние опстоивме на тоа да докажеме дека почина поради грешка на лекарите - изјави Младеновски.

Плакетата му ја врачи Бранко Ѓоргевски, помошник на главниот и одговорен уредник на „Дневник“, кој посочи дека ова признание ги стимулира дописниците.

-Ова ни потврдува дека остануваме доследни на нашата намера името и споменот на Менде Петковски да ги почитуваме и преку квалитетот на дописничките трудови. На тој начин сакаме да го поттикнеме квалитетот кај новинарите-дописници кои работат во многу потешки услови отколку ние во матичните редакции - рече Ѓоргевски.

Паричниот дел од наградата во износ од 30.000 денари го донира компанијата „Пелистерка“.

-Влијанието и одговорноста на медиумите во едно здраво општество е клучно за сите луѓе, а „Пелистерка “ како општествено одговорна компанија константно се грижи за поттикнување на општото добро и поддржува истакнати поединци чија работа е корисна и мотивирачка за сите нас - изјави Димитар Митревски, член на одборот на директори во „Пелистерка“.

Паричната награда донирана во хуманитарни цели

Новинарот Младеновски реши паричниот дел од наградата да го донира во хуманитарни цели. Дел од средствата ќе бидат донирани за малиот Давид Домазетовско од Битола на кој му е потребно лекување, а другите за ученикот Томе Kирјази од истиот град, кој доаѓа од социјално семејство, а е голем талент во изучувањето на природните науки.

За нас

“Медиа Принт Македонија“ (МПМ) е водечка медиумска компанија на македонскиот пазар конципирана согласно највисоките деловни и новинарски стандарди.


Гарантирањето на слободата на печатот, независноста на редакциите и новинарите и почитувањето на етичките вредности се основни начела na компанијата.


повеќе