Романот „Јадица“ од Владимир Плавевски е годинашниот добитник на престижната награда на „Утрински весник“ - „Роман на годината“

Романот „Јадица“ од Владимир Плавевски, во издание на „Силсонс“, е годинашниот добитник на престижната награда на „Утрински весник“ - „Роман на годината“. На последниот состанок кој се одржа во четвртокот во просториите на нашата Редакција, со мнозинство на гласови оваа одлука ја донесе петчлената жири-комисија во состав: Митко Маџунков, минатогодипниот лауреат и претседател, како и Ферид Мухиќ, Весна Мојсова-Чепишевска, Оливера Николова и Катерина Богоева.

„Роман на годината“ на Плавевски му е доделена во годината кога „Утрински весник“, како и самата награда, одбележуваат значаен јубилеј - 15 години од формирањето, додека свеченоста по повод доделувањето на наградата ќе се случи на 26 март во „Сити хол“ центарот.

„Покрај наградениот роман, особено треба да се истакнат уште три остварувања: тоа е мајсторскиот роман ’Ќерката на математичарот‘ од Венко Андоновски, со кој авторот суверено го брани своето високо место во македонската книжевност, како и два дебитантски романа, ’Очи со боја на чевли‘ од Петар Андоновски и ’Ненасловена месечева соната‘ од Давор Стојановски. Посебно радува фактот што во една година се појавија двајца нови романсиери, чие време допрва доаѓа. Во овие дела јасно е нагласена амбицијата да се напишат судбински романи, без да се даде ’слика на општеството‘, како што истакнува Венко Андоновски. Романот ’Јадица‘ од Владимир Плавески е вистинска спротивност на таквата насоченост, и целосно е во духот на она што белградската критика некогаш го нарекуваше ’стварносна проза‘, што сега се совпаѓа и со светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност“, се вели во образложението на жири-комисијата. „Романот е напишан во традиционален реалистички стил, со краток Пролог и со Епилог, во кој авторот ефектно ја користи документарната постапка. Делото е поделено на три дела - Копиле, Домец во Асамати и Мијач на мртовци - и го следи животниот пат на едно сираче од часот на неговото наоѓање и посвојување, па ’се' до моментот кога ми ја избришаа иднината‘, како што самото ќе рече во уводниот дел; дека е тоа точно, најдобро ќе се види во Епилогот...“

„Јадица“ го следи животот во Домот за најденчиња и во Домот за деца без родители, раскажан јасно и прецизно, во најдобрата традиција на она што ни е познато како жанр-литература. „И во тој дел, а и низ целиот роман, има многу впечатливи ликови, јазикот е главно колоквијален и сообразен со ликовите, а раскажувањето тече живо и брзо, што не е баш лесна книжевна задача. Според природата на сижето, општите места врзани за детските доживувања полека се стопуваат со општествената слика, која јасно испливува особено од моментот кога сирачето Најден Петковиќ односко Петковски (зашто е најдено во петок) ќе биде усвоено од мајка Зага и татко Марко и ќе добие ново презиме, Дреновски...“, се вели во образложението. Жирито додава и дека романот е широка слика на едно време, со впечатливи ликови, со живо опишани ситуации, со уверливи дијалози, драматичен и со чувство за филмско кадрирање, што му дава и еден ликовен квалитет.

Владимир Плавевски досега ги објавил книгите: „Папарацо-феномен на денешнината“ (1997), „Градител на боговите“ (1997), „Фотографија“ (1998), „Играч на Фанта“ (1999), „Амкање“ (2001), „Ловец на самовили“ (2004), „Поплава“ (2006), „Цена од Ново Маало“ (2009) и најновата „Јадица“. Автор е и на голем број сценарија од кои за Македонската радио-телевизија до сега се снимени над 40 епизоди - од играната серија „Еурека“, „Прекалени“, „Светски бајки“, „Македонски бајки“ и „Златни басни“... Се потпишува и како сценарист на ТВ филмовите: „Состојба пред инфаркт“ (1987), „Бог да ги убие шпионите“ (1993) и „Вампирџија“ (2002).

Преку Советот за радиодифузија, во 2005 година е реализиран неговиот проект „Бои во времето“ во режија на Стефан Шашков, кој на „Астер фест“ во 2006 доби специјална награда „Златен проектор“. Во 2007 година е снимен ТВ филмот „Нави“ по негово сценарио, а во 2008 го режира ТВ филмот „Мултиплеј“ по негово сценарио.

За Македонското радио, пак, снимени се девет негови радио драми, а неговите драмски текстови „Пипа Ритам“, „Балерината“, „Кралот Хамлет“, „Каста Дива“, детскиот драмски текст „Трагачи по виножитото“ и „Министерот и јас“ се поставени на сцената на Турскиот театар во Скопје. Драмата „Раскол“ е поставена во Народниот театар Куманово, а драмата „Операција Лир“ во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица...

Плавевски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Но, тој се занимава и со фотографија и е член на Друштвото на филмски работници на Македонија. Бил предавач по предметот Фотографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и со свои фотографии учествувал на голем број групни фотоизложби во Македонија и странство, а за тоа е добитник на број награди и признанија. Одржал 23 самостојни изложби на уметничка фотографија.

 

За нас

“Медиа Принт Македонија“ (МПМ) е водечка медиумска компанија на македонскиот пазар конципирана согласно највисоките деловни и новинарски стандарди.


Гарантирањето на слободата на печатот, независноста на редакциите и новинарите и почитувањето на етичките вредности се основни начела na компанијата.


повеќе