„БАЛКАНВАВИЛОНЦИ“ НА ЛУАН СТАРОВА Е „РОМАН НА ГОДИНАТА“ ЗА 2014 ГОДИНА НА „УТРИНСКИ ВЕСНИК“

Романот „Балканвавилонци“ на писателот, академик Луан Старова чиј издавач е Македонската академија на науките и уметностите е добитникот на книжевната награда „Роман на годината“ за 2014 година на „Утрински весник“. Избран е по пат на тајно гласање, со мнозинство гласови во конкуренција од 32 романи напишани на македонски јазик, од кои во најтесен избор за наградата која се доделува по 16. пат беа и романите: „Куфер за тројца“ на Живко Грозданоски, „Вишнова хроника“ на Фросина Пармаковска, изданија на „Или-или“, како и „Гаргара“ на Игор Станојоски во издание на „Панили“. 

„Романот ‘Балканвавилонци’ е кулминативна точка на долгата романескна низа (’балканска сага’) на Луан Старова. Станува збор за комплексно, слоевито и ерудитивно дело кое може да се нарече ’роман-енциклопедија’, ’роман-библиотека’, или ’роман-океан’. Благодарение на спокојното и минуциозно водената нарација, во која се вткаени вешто портретираните ликови на двајца интелектуалци (Таткото и Климент Камилски), како и на нивните фасцинантни разговори и духовни хоризонти, читателот е исправен пред невралгичните пунктови на балканската културна и јазична историја, како и пред лавиринтите на балканскиот менталитет и сензибилитет. Суптилно реферирајќи на некои од стожерните библиски митови (пред се', легендата за Вавилонската кула), асоцирајќи на шармот на Платоновите дијалози во кои соговорниците ги вкрстуваат аргументите и светогледите, како и надоврзувајќи се на некои од клучните столбови на европската романескна традиција (пред се', Сервантес и Флобер), Луан Старова создал интелектуално заводливо, епски кохерентно и драматично четиво за културните проникнувања меѓу балканските народи, засведочени во јазичното наследство“, е посочено меѓу другото во образложението за наградата за која годинава одлучуваше жири-комисијата во состав: Владимир Плавевски, претседател и минатогодишен лауреат за романот „Јадица“ и членовите: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература, проф. д-р Владимир Мартиновски, поет, есеист и вонреден професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Михаил Ренџов, писател и Катерина Богоева, уредничка на Културната редакција на „Утрински весник“.

„Ја вкусив балканската трагичност во сите нејзини етапи. И иако вавилонството е проклетство, сепак, во романот ’Балканвавилонци‘ станува збор за среќни вавилонци кои во вавилонската трагичност гледаат среќа“, рече академик Луан Старова за наградениот роман. Зборувајќи за својата позната „балканска сага“ која ја сочинуваат 12 досега објавени романи на дваесетина јазици во 30 земји, потенцираше дека таа започнува со издавање на неговиот прв роман во 1992 година „Татковите книги“, нагласувајќи дека сето тоа се случило релативно доцна во неговата кариера, бидејќи со пишување романи, со тој најкомплексен и најделикатен жанр, почнал на свои 50 години. 

„За мене пишувањето, литературата, беше еден вид реванш кон самата судбина, онаа судбина на детето кое ја бележи татковата сага и кое низ 11 романи па се' до овој последниот се обидува да истрае во една замисла, во својата потрага по романескниот концепт“, додаде Старова. Познато е дека литературата си има свои текови, гради свои мостови, во неа има премостувања на времиња, епохи, ментални пресвртници, дека таа едноставно има шанса за отклон од времето. Но, ова место, како што рече, каде што се вкрстуваат многу култури, народи и нивните судбини, ова место чека на некакво декодирање, а литературата може да е најделикатна токму во декодирањето на меморијата. 

„Оваа награда е охрабрување на мојата младост во староста“, се пошегува Старова, додавајќи дека оваа балканска сага му донела многу пријатели и читатели од различно верско и етничко потекло и дека со право се вели дека литературата има волшебна мисија да ги зближува народите. 

На вчерашната прес-конференција, жири-комисијата потенцираше дека во квалитетната конкуренција за наградата, што истовремено зборува за минатогодишната богата прозна литературна продукција, издвоените четири романи кои влегоа во финалето за наградата, се одликуваат со разнообразна тематика, присуство на разнородни дискурси и теми, со изградена наративна техника и со мајсторски прозен израз. 

„Станува збор за повеќеслојни романи, во кои се согледува умешноста на авторите да го доловат парадоксалното секојдневје, преку парцијално зафаќање на различни временски/историски периоди со импликации на современото живеење, преку мајсторско профилирање на ликовите низ мултиплицирани драми. Трите новели во ’Куфер за тројца’ на Живко Гроздановски говорат за општата ’сапунизација’ и ’тривијализација’ на македонското секојдневје, поигрувајќи се со конвенциите и општите места на фонот на доминантната популарна култура, притоа допирајќи ја и темата за образованието и младите, алудирајќи на самосвесноста и самостојноста во одлуките за сопствената иднина. Романот ’Вишнова хроника’ на Фросина Пармаковска преку мултиплицирана драма согледана низ преплетувањата на бројни страници преземени од црна хроника (општа и индивидуална), која ја доживува главниот јунак низ необични психолошки опсесивни состојби, зборува за длабоко и возбудливо продирање во драмата на современото општество. Игор Станојовски во една низа од историски и политички констелации, низ потрагата по локацијата на кафулето „Гаргара“ во градот Л’вов (Украина) во која се преточуваат настаните од Портокаловата револуција во 2004 година, со сторијата за изгубеното кафуле во истиот град од 1963 година, преку обидот за разјаснување на идентитетите на ликовите и на политичките (не)сложувалки, користејќи ја формата на политички трилер, својата сторија ќе ја раскаже интригирачки и допадливо. Сите овие романи претставуваат најави за изразени креативни напливи на новата творечка генерација.“

Романот „Балканвавилонци“ е опишан и како еден вид „филолошки“ роман или роман за мемориските капацитети на јазикот. Цитирајќи значајни лингвистички, културолошки и белетристички извори и подробно анализирајќи ги турцизмите и ориентализмите одомаќени во македонскиот јазик и во другите балкански јазици, потпирајќи се врз книгите и статиите од своите борхесовски библиотеки, неговите протагонисти од рефлексиите за само еден збор (на пример, „јаничар“, „кодош“ или „курбан“) продираат во суштината на огромен број историски собитија и актуелни трауми на балканското совремие. „Но токму јазичното наследство во овој роман на Луан Старова прераснува во метафора за проникнувањето на минатото и сегашноста, како и силен ’адут’ за согледувањето на многубројните споделени вредности и заедничкото културно наследство на балканските народи. ’Балканвавилонци’ е роман во кој се слави културата на дијалогот, во која постојат почит и љубопитност за ставовите на другиот, како клучна претпоставка за да се согледаат и прифатат слоевитоста и флуидноста како на туѓиот, така и на сопствениот идентитет. Книжевно третирајќи долга низа историски и актуелни теми за балканските народи, Луан Старова напишал роман кој достоинтвено се впишува во современите текови на европскиот роман.“ 

Доајенот на македонската литература, писателот Михаил Ренџов и член на жири-комисијата, нагласи дека тој е пријател со Старова и дека ги сака неговите книги, но дека во изборот за „Роман на годината“ за 2014 година немало буквално никакво влијание, дека одлуката да се награди овој роман е комплетно чиста, само врз основа на она што овој прекрасен роман во себе го содржи. Маја Јакимовска-Тошиќ, директор на Институтот за македонска литература, исто така, член на жирито, додаде дека романот на Старова е неверојатно инспиративно четиво и дека не само што е роман-енциклопедија, како што беше кажано, туку дека е и роман-археологија на балканската лингвистика и историја. Таа им го препорача романот на сите велејќи дека е прекрасно раскажан со сите валери и естетски премиси и дека му посакува да доживее и странски изданија. Но, исто така нагласи и дека меѓу пристигнатите 32 романа имало многу добри дела и дека жирито имало за што да дискутира, заклучувајќи дека има креативен наплив на млада творечка генерација. 

Наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ на Луан Старова ќе му биде доделена на свеченост во текот на април. Лауреатот ќе добие статуетка од Медиа Принт Македонија, плакета од „Утрински весник“, градоначалникот на општина Центар традиционално подарува уметничко дело, а генералниот покровител на наградата Т- мобиле и Т-хоум , 150.000 денари. 

За нас

“Медиа Принт Македонија“ (МПМ) е водечка медиумска компанија на македонскиот пазар конципирана согласно највисоките деловни и новинарски стандарди.


Гарантирањето на слободата на печатот, независноста на редакциите и новинарите и почитувањето на етичките вредности се основни начела na компанијата.


повеќе