ВЛАДИМИР ПЛАВЕВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „РОМАН НА ГОДИНАТА“ ЗА 2013

 „Мојата основна, егзистенцијална професија беше доктор, специјалист оториноларинголог, примариус. Можеби хуманитарниот поттик ме насочи и кон литературната дејност во која, морам да бидам нескромен, сум освојувал повеќе награди на полето на радиодрамата, расказите, ТВ-филмовите, ТВ-сериите и драмски текстови, и тоа, се' досега, на анонимни конкурси. Моите литературни творби биле наградувани како литературен ентитет сами од себе, без значајноста за авторот. На 15. по ред конкурс на „Утрински весник“ прв пат учествував неанонимен, со својот роман „Јадица“ преку книгоиздавачот „Силсонс“ и ја имав честа, преку релевантната оцена на компетентното и искусно петчлено жири да ја освојам врвната литературна награда „Роман на годината“ за 2013 година. Доблеста на наградата ја сфаќам како признание за моето литературно чедо и круна на мојот личен литературен ангажман како автор“, рече меѓу другото во своето обраќање, лауреатот на наградата „Роман на годината“ , Владимир Плавевски, на нејзиното свечено доделување на 4 април во „Сити хол“. Тој пред полната сала гости: книжевни автори, издавачи, академици, фотографи, новинари, гости од светот на културата, науката, уметноста, говореше и за поврзаноста на медицината и читањето литература. Посочи дека читањето е корисно за физичкото и ментално здравје, но и дека читателите се и подобри писатели. А свеченоста по повод 15. јубилејно доделување на престижната награда на „Утрински весник“ почна со премиерно презентирање видеоматеријал, во кој за нејзиното значење во развојот на македонската литература и култура, со голем пиетет говореа дел од досегашните добитници, писателите: Томислав Османли, академик Митко Маџунков, Оливера Николова, Гоце Смилевски, Блаже Миневски и Јагода Михајловска-Георгиева. 

Академик Митко Маџунков како претседател на жири-комисијата во состав: Ферид Мухиќ, Оливера Николова, Весна Мојсова-Чепишевска и Катерина Богоева, членови, пред присутните ја прочита донесената одлука за доделување на наградата, каде што „Јадица“ (чие дејство се одвива во драматичната 1948 година) е посочен, меѓу другото, како „роман кој претставува широка слика на едно време, со впечатливи ликови, со живо опишани ситуации, со уверливи дијалози, драматичен и со чувство за филмско кадрирање, што му дава и еден ликовен квалитет. „Романот се совпаѓа и со светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност“, стои во одлуката за наградата каде што се вели и дека „Јадица“ е напишан во традиционален реалистички стил, со краток Пролог и со Епилог, во кој авторот ефектно ја користи документарната постапка. Жирито го потенцираше фактот дека минатата година се појавија и двајца нови романсиери, Петар Андоновски со романот „Очи со боја на чевли“ и Давор Стојановски со „Ненасловена месечева соната“, а романот на Петар Андоновски, заедно со „Ќерката на математичарот“ на Венко Андоновски беа и во најтесниот круг за избор на наградата за која конкурираа 23 дела. 

На почетокот од своето обраќање д-р Срѓан Керим, претседател на управниот одбор на „Медија принт Македонија“ најпрвин му ја честиташе наградата на Владимир Плавевски, а служејќи се со термин од стоматологијата, укажа на потребата од посветување на должно внимание на „жабуркањето“, кое, како што рече, станува доминантен елемент на интелектуалната клима и вкупниот општествен амбиент. „Академските заедници жабуркаат. Највисоките научни институции жабуркаат. Верските заедници жабуркаат. Медиумите жабуркаат. И додека сите ние жабуркаме насекаде околу нас петлите си ги водат крвавите битки“, рече меѓу другото тој, посочувајќи дека среќна околност и добро е што, сепак, имаме ерупции. „Не мора да имаат вулкански димензии, но тие ни се неопходни. Една таква ерупција на интелектуални напори проткаена со обележја на мултиталент, одредница на духовните состојби и референца за она ниво на општествена свест кон кое треба да се движиме, е токму романот ’Јадица’ на Владимир Плавевски“, рече д-р Срѓан Керим. Во оваа пригода, тој како пример за нови интелектуални сили ги посочи Давор Стојановски и Петар Андоновски и најави дека сугестијата од наредната година да се доделува награда за дебитантски роман, најсериозно ќе биде земена предвид. 

Фрагменти од романот „Јадица“ читаше актерот Игор Ангелов, а извршната директорка на МПМ, Јана Станисављева, му врачи на лауреатот статуетка, дело на академскиот скулптор Сашо Саздовски, нагласувајќи го воедно задоволството од успешното одбележување на јубилејот. Главната и одговорна уредничка на „Утрински весник“, Соња Крамарска, му ја врачи плакетата на Владимир Плавевски, потенцирајќи го и личното искуство дека и покрај достапноста на електронските изданија, печатените книги се' уште ја имаат големата моќ и привлечност. Димитар Ковачевски, директор за комуникации на „Т-мобиле“ и „Т-хоум“, генерален спонзор на наградата, му додели на Плавевски чек од 150.000 денари, а градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, уметничка слика. И нивните обраќања беа во функција на поддршка и афирмација на литературата и културата.

За нас

“Медиа Принт Македонија“ (МПМ) е водечка медиумска компанија на македонскиот пазар конципирана согласно највисоките деловни и новинарски стандарди.


Гарантирањето на слободата на печатот, независноста на редакциите и новинарите и почитувањето на етичките вредности се основни начела na компанијата.


повеќе